Во кругот на кичевската болница на почетокот на неделата започна изградбата на нова модуларна болница која ќе се протега на површина од 1.000 метри квадратни а по нејзиното завршување ќе може да згрижи 30 лежечки пациенти, со што во добра мера ќе се релаксира проблемот со недостаток на кревети за инфицирани со ковид-19.
Во новата модуларна болница ќе има централен довод за кислород, независен ренген, лабораторија и сѐ што е потребно за лекување на болните, а ќе има и посебен влез за персоналот како и за лицата кои тука ќе се лекуваат.
– Кичево ќе биде вториот град во земјава каде во оваа календарска година ќе биде завршена новата модуларна болница, каде ќе бидат згрижени околу 30 пациенти заболени од kовид-19. Новата модуларна болница ќе ги поседува сите неопходни содржини потребни за пациентите кои тука ќе се лекуаваат, истовремено ќе бидат обезбедени сите стандарди за вработените во истата.
Покрај новата модуларна болница, во кругот на болницата со средства од Германската Влада ќе биде изграден уште еден монтажен објект, кој на почеток ќе служи како дневна болница за болните од ковид-19, давање на инфузии и инјекции, а понатаму во истиот ќе бидат згрижени уште 20 лежечки пациенти, со што целосно ќе бидат задоволени потребите на болните од ковид-19 во оваа општина – истакна Станко Трпески, директор на Општата болница и член на Општинскиот кризен штаб.
Тој апелира до граѓаните, во целост да ги почитуваат протоколите, за да се намали бројот на инфицирани во оваа општина. Трпески нагласи, дека засега успеваат со сопствен персонал целосно да одговорат на обврските и очекува тоа да продолжи и по отворањето на новата модуларна болница. Инаку во изминатиот ден во оваа општина е регистриран најголемиот број на оздравени лица, вкупно 72, за разлика од претходната недела кога беше регистриран најголем број на новозаболени.