Откако Државниот пазарен инспекторат вчера објави дека инспекторите биле спречени да извршат надзор во кафеана во Дебар маало, а после два и пол часа од внатрешниот дел на објектот излегол лидер на една политичка партија, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, призна дека бил тој.
Мицкоски на Фејсбук напиша дека не ги знаел протоколите за работа на угостителските објекти и дека е спремен да плати казна.
– Во услови кога имаме вистинска катастрофа од ширењето на корона заразата и целосно фијаско на власта која е дезориентирана и не е ефикасна, таа се занимава со тоа дали сум ручал внатре или надвор во ресторан, притоа комплетно покажувајќи го на дело нејзиното нечесно лице и инсталации. Дефокусирајќи ја јавноста со таа “епска битка” на специјалците од ЕБР, со вработените од ресторан, јавувајќи се по медиуми, да прават приказна од нешто каде нема и низа други дезинформации, со цел да се дефокусира вниманието од вистинската катастрофа со животите на граѓаните, предизвикана од неспособната власт. Да, точно е дека бев со двајца мои познаници во ресторан во Дебар Маало, првпат по укинувањето на забраната за посета на угостителските објекти, поради што и не бев информиран доволно за новите протоколи. Ако тоа е мојот најголем грев и моја грешка и пропуст, јас тоа го признавам и подготвен сум да платам парична казна поради тоа – напиша Мицкоски.