Поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, попладнево е спроведен во приватна болница во Скопје, откако ноќта ја поминал во штипската модуларна болница. Информацијата за МИА ја потврди директорот на штипскиот затвор, Мики Тодоров.
Како што истакнува Тодоров, на Чавков вчера откако му се влошила здравствена состојба и тој имал ниска сатурација при прегледот од затворскиот лекар. Потоа бил хоспитализиран во модуларната болница во Штип, каде што добил и постојана кислородна поддршка. Чавков потоа е спроведен до приватната болница на барање на семејството и по препорака на штипските инфектолози.
Бројот на заразени со ковид-19 во штипскиот затвор се искачи на седум, откако уште имаше уште двајца новозаразени осуденици. Меѓу позитивните на ковид-19 се и поранешниот началник на специјалните полициски сили, Митко Пешов, како и Никола Митревски-Кољо, кој беше осомничен како еден од главните организатори за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, како што објави МИА.
Здравствената состојба на останатите осуденици е добра и тие се изолирани во три посебни простории, според затворскиот лекар. Други 13 осуденици се во изолација, поради контакт со заразените, но засега не пројавиле симптоми на ковид-19.