Иако нашата држава во услови на една од најтешките светски кризи функционира како своевиден преседан или функционален феномен, менаџирана од пржинска влада со распуштено Собрание, што речиси секојдневно предизвикува дополнителна неизвесност во поглед на надлежностите и функционалноста на институциите, генерално земено за во вонредна состојба функционираме релативно добро. Но во таква ситуација се поставува прашањето колку Македонија ќе има капацитет да ги следи големите геополитички процеси и промени, предизвикани (или забрзани) од глобалната пандемија, и да се приспособува на истите тие
Како корона-кризата ќе ги реобликува државните уредувања во светот
Дали ќе се промени сè? Дали воопшто нешто ќе се промени? Во моментов, додека живееме во „срцето на бурата“ ( или како што сѐ почесто се именува – пикот на пандемијата), вообичаено, под влијание на таквиот притисок, гледајќи дека навистина „сѐ тече и сѐ се менува“, но сега многу побрзо и како на филмска лента, сите ние сме под голем стрес од непознатото, новото или од она што претстои. Во временски период кога смртните случаи од коронавирусот на светско ниво се стигнати до бројката од 121.000, светските политички аналитичари го предвидуваат политичкиот развој на состојбите со констатацијата: „Работите што веќе се случуваат, ќе се случат многу порано“. Но кои работи? Во која сфера? Како пандемијата ќе ги преобликува односите меѓу државите. А како самите држави?
Досегашниот „светски поредок“ ќе трае додека неговите темели не бидат разнишани од настаните
Кризите се обликот; а таа форма ја одредува природата на промените што ги предизвикуваат. Од катаклизмичните настани од минатиот век, двете светски војни радикално го сменија државниот систем и го сменија „европскиот баланс на моќта“ со американскиот моќен поредок, како што Американците милуваат да нагласат „заснован врз основа на институции и закон“ со проекција како таков да биде и глобален. Според „прогнозите“ на Хенри Кисинџер (еден од легендарните американски државни секретари и креатор на глобалните политики), „светскиот поредок, ќе трае додека неговите темели не бидат разнишани од настаните“. Дали актуелната пандемија е таков вид настан? Она што е видливо, е всушност дека врвната институција на денешниот глобален поредок: Советот за безбедност на Обединетите нации, Г20 и Европската Унија прават несвесни гестови додека вирусот сѐ уште се распространува низ целиот свет. Но политичките аналитичари сметаат дека нема причина да веруваме дека нивната неспособност да реализираат ефективен глобален одговор на она што е јасно дека претставува глобален проблем, се заканува на нивниот опстанок.
Настанот за промени не е ковид-19, туку економските последици
Светскиот политички магазин „Форин полиси“ проценува дека катастрофата што ја носи сегашната пандемија е најблиска до онаа на Големата депресија, светски настан од пред сто години, во кој националните економии се распаднаа со застрашувачка брзина. Односно, настанот што ја предизвикува промената нема да биде степенот на смртноста, туку економските и политичките последици. Како аргумент на ваквото согледување, се изнесува податокот дека педесет милиони луѓе починаа за време на пандемијата на грип во 1918 година, без да го пренасочат текот на глобалната политика. Во секој случај, предвидениот број смртни случаи од коронавирусот се намалува во последниве денови, бидејќи се преземаат превентивни мерки, а исто така вирусот може да испадне нешто помалку смртоносен отколку што се плашевме, сметаат во „Форин полиси“.
Но економското страдање е длабоко и се заканува на легитимноста на националните влади. Во оваа смисла пандемијата личи на Големата депресија. Додека Првата светска војна го натера системот на сојузништво од 19 век да изгледа како пакт за самоубиство, така и Депресијата стави крај на „радосната религија“ на нерегулираниот пазар. Државата зачекори таму каде што пазарот пропадна и никогаш повеќе не го испушти тој чекор. Нордискиот модел, на кој американскиот сенатор Берни Сандерс толку му се восхитува првпат се обликува во 1938 година, кога по неколку години масовна невработеност и работнички судири, работниците и работодавците се собраа да се договорат за системот на преговори на национално ниво.
Пандемијата нема да го загрози капитализмот
Пандемијата, според светските политички аналитичари, секако нема да го загрози капитализмот, и затоа што економската болка нема да биде толку долготрајна, но и затоа што државите одговориле со масовно трошење. Понудените економски решенија ќе придонесат за создавање кредибилитет не само на активна влада туку и за добра влада ( во секоја земја), иако според политичката практика тоа се едвај исти работи. Но во досегашното однесување со предизвикот на глобалната пандемија, владите на големите и влијателни земји во актуелниот светскиот поредок сепак направија крупни грешки во чекори. И покрај својот сеопфатен систем на благосостојба и јавно здравје, Велика Британија веќе има повеќе од 13.000 смртни случаи, а пандемијата таму сè уште не го достигна врвот – затоа што премиерот Борис Џонсон (исто како и американскиот претседател Трамп) на почетокот го отфрли вирусот како еден вид странски каприц. Европските земји со помалку исклучиви лидери, како Франција, веќе имаа многу големи жртви, затоа што не реагираа доволно рано. Земјите што се снајдоа најдобро – Јужна Кореја, Германија, Нов Зеланд и, можеби, Шведска – имаат ефикасна и непартиска државна администрација и култура на прагматично управување.
Таквиот моментален „геополитички пејзаж“ може да создаде впечаток дека кризата целосно го соголи владејачкиот либерален поредок и го најави неговиот крај. Но процените за крајот на либералниот поредок или неговата загрозеност, поттикнати од хаосот на кризата во меѓународните односи, кои како причини за пропаста на поредокот ги наведуваат растот на национализмот, популизмот и пробивот на позициите на власт на крајно десните политички сили, сепак најверојатно не се одржливи. Имено, моќта на владејачките финансиски и економски елити на водечките држави во Европа и на западниот свет е толку голема, што никакви популисти и радикални политички сили не би биле ни близу власта, ако тие не го сакаат тоа. Токму спротивно, либералниот поредок е во подем и само плански и контролирано се трансформира во насока на враќање на националната потесна меѓудржавна интеграција со сѐ поприсутни елементи на авторитарно владеење. Сѐ што се наведува како загрозување на либералниот поредок, всушност, е во функција на неговото приспособување и одржување.
Македонија треба да се приспособи кон новонастанатите услови
Во целиот тој контекст на прераспоредување на светското глобално влијание, поради корона-кризата, клучен фактор е легитимитетот на владите и на институциите. Иако нашата држава во услови на една од најтешките светски кризи функционира како своевиден преседан или функционален феномен, менаџирана од пржинска влада со распуштено Собрание, што речиси секојдневно предизвикува дополнителна неизвесност во поглед на надлежностите и функционалноста на институциите, генерално земено за во вонредна состојба функционираме релативно добро. Но во таква ситуација, се поставува прашањето колку Македонија ќе има капацитет да ги следи големите геополитички процеси и промени, предизвикани (или забрзани) од глобалната пандемија, и да се приспособува на истите тие.
– Дури и да не се остварат дистопичните сценарија за глобалните процеси по корона-кризата, факт е дека ништо нема да биде баш исто како порано. Границите на државите веќе не се примарната грижа, колку границите меѓу човештвото и заканите со кои се соочува. Свртувајќи се кон национален егоизам и унилатерално одлучување, големите сили, пред сѐ САД и Велика Британија, постапија спротивно на трендот на барање заеднички решенија. Но се покажа дека со моќта на оружјето и финансиите што ги имаат не успеаја да го заштитат своето население од пандемијата. Тоа треба да биде поука дека е неопходно свртување кон мултилатерализмот наспроти унилатералното носење одлуки. Во таков глобален контекст и заедничка загрозеност од вирусот, Македонија секако дека треба да се приспособи на новите услови. Тоа ќе требаше да го сториме дури и да бевме суперсила, зашто светот на соработка сега е нужност, а не е веќе прашање на избор. Сепак, не очекувам дека свеста на луѓето (и кај нас, и на глобално ниво) брзо ќе ја прифати нужноста од таквите промени во размислувањето и функционирањето.
Сегашната состојба на борбата со коронавирусот, сѐ уште е на ниво што може да се контролира, но ако продолжи неизвесноста за времетраењето на мерките за ограничување на движењето, како и ширењето на коронавирусот, но и некои други вируси, тоа ќе се претвори во една лоша реалност. Тогаш ќе бараме спас во државата и ќе ги префрламе своите слободи на државата. Тоа, пак, ја носи опасноста за политизација на вирусот, односно појава на вирусот на фашизам со зголемување на невработеноста (обвинувања дека другите се виновни за сѐ, затворање во себе)… Без оглед колку сме мали како држава, сепак сме дел од меѓународната заедница на народи и мораме да се приспособиме на новите услови во геополитичкиот свет – вели професорот на Правниот факултет при УКИМ, Денко Малески.