Дознаките се значаен извор на приход за земјите во развој. Намалувањето на дознаките во овој момент е без преседан во историјата, предупредуваат експертите од Светската банка
КОРОНАВИРУСОТ ГИ СЕКНА И ДОЗНАКИТЕ ОД СТРАНСТВО
Пандемијата на коронавирусот се одрази негативно и врз приливот на пари во Македонија од печалбарите во странство. Деновиве Светската банка предупреди дека битката со вирусот ќе создаде остар пад на дознаките од странство. Според Светската банка, пандемијата на коронавирусот ќе ги намали за 20 проценти парите што иселениците ги праќаат дома, а сето тоа се должи на големиот број отпуштени работници, како и на намалените плати на оние што ги задржале работните места. Поради овие причини, според процените на Светската банка, најсиромашните што живеат со помош од нивните блиски во странство ќе добијат помалку пари.
– Дознаките се значаен извор на приход за земјите во развој. Намалувањето на дознаките во овој момент е без преседан во историјата – изјави претседателот на Групацијата на Светската банка Дејвид Малпас.
Во меѓувреме, од македонска перспектива на настаните, битно е да се напомене дека парите од нашите иселеници се витален дел од економското функционирање на земјата.
Во изјава за турската новинска агенција „Анадолија“, министерот без ресор во Владата, кој е задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, информира дека она што официјално како податок постои во НБРМ е дека на годишно ниво помеѓу 460-500 милиони евра од дијаспората влегуваат во државата. Меѓутоа, неофицијално, според него, бројките одат и до една милијарда.
Во Македонија дознаките од странство ги мери Народната банка во делот на секундарниот доход каде што има податоци и за приливи од работници. Според последните податоци од Народната банка, таа лани регистрирала дека од дознаки од странство во земјава на сметките се слеале 219 милиони долари, во 2018-та оваа цифра изнесувала 236 милиони долари, а во 2017-та пристигнале 219 милиони долари.
На оваа тема податоци има и од Светската банка, кои се различни од оние на централната банка, а од досега публикуваните информации од Светската банка во 2018 година во Македонија по оваа основа се слеале 344 милиони долари, а во 2017 околу 314 милиони.
Во меѓувреме, економските аналитичари на темава констатираат дека сосема е логично да се очекува пандемијата да се одрази негативно и врз овој сегмент од економијата на земјата.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека парите што се слеваат од странство се значајна ставка и некогаш изнесувале и до 20 отсто од БДП.
Тој вели дека овие пари се значајна ставка не само за личната потрошувачка на граѓаните туку придонесуваат и за покривање на трговскиот дефицит и за покривање на дефицитот на платниот биланс.
– Годинава претпоставувам дека ќе се намали приливот на тие пари од повеќе причини. Прво поради ограничувањето на движењето на луѓето, а второ на нашите работници што се во странство им се потребни како резерва во земјите во кои се наоѓаат, бидејќи и тие се таму во криза и остануваат без работа – вели Хајредини.
Универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети коментирајќи ја оваа состојба забележува дека процената на неофицијалната бројка на овие случувања е навистина многу поголема од официјалната.
– Тоа се навистина големи суми пари, кои честопати економската наука ги истражувала во земјата. Она што е заклучено е дека овие пари не се инвестираат во нашата држава туку две третини од нив се трошат нерационално за приватни цели како на пример за прослави, за свадби и слично – објаснува професорот.