Лекот „фавира“ или „фавимол“, со генеричко име „фавипивир“ неделава ќе биде достапен во македонските аптеки, откако Агенцијата за лекови и медицински средства одобри увоз и достапност за лекување на пациентите.
„Следејќи ја актуелната состојба со која се соочуваме настаната со ковид-19, поткрепено со се почестите барањата на лекари кои се вклучени во третманот на оваа болест, за достапност на лекот, Агенцијата за лекови и медицински средства одобри увоз и достапност лекот на „фавипивир“ за крајните корисници-пациентите“, велат од Малмед.
Пациентите ќе можат да го обезбедат лекот само врз основа на рецепт и по препорака на лекар. Лекот не е одобрен за индикација на лечење на ковид-19, па во таа насока, стручните лица апелираат, пациентите да не го користат овој лек по сопствено убедување и без препорака од лекар.
„Фавира“ досега нелегално се внесуваше од Косово како антивирусен лек што помага и против коронавирусот. Овој лек нелегално се продаваше во Македонија, со што една кутија купена на Косово и во БиХ чинеше од 75 до 100 евра.