Имајќи ги предвид препораките и заклучоците на Светската здравствена организација, Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за коронавирусот, како и фактот дека на територијата на нашата држава сѐ уште бројот на заболени не опаѓа со очекувана динамика, Лекарската комора апелира до сите институции, здруженија и граѓани, максимално да ги почитуваат и да се придржуваат до препораките од Министерството за здравство.
Од таму апелираат посебно да се почитува мерката со која се забранува собирање во група не повеќе од две лица, во паркови и други јавни места и јавни површини.
– Се молат граѓаните без поголема потреба да не ги напуштаат своите домови и да не се собираат и групираат. Почитувањето на мерките во голема мера ќе придонесе за спречување на понатамошно ширење на вирусот – велат од Лекарската комора.
Со цел да се зачуваат капацитетите во здравството, додаваат од таму, голема поддршка за здравствените работници да се справат со пандемијата е сите институции, здруженија и граѓани да ги почитуваат мерките и насоките за заштита на нивното здравје. Поради тоа, посебен апел Комората упатува до оние кои сѐ уште не ја сфатиле сериозноста на ситуацијата во којашто сите заедно се наоѓаме.
– Мерките мора да се почитуваат, бидејќи од тоа зависи како и кога ќе се справиме со овој предизвик. Затоа е потребно да се покаже највисоко ниво на самосвест, солидарност и заедничка одговорност, дека знаеме и можеме да се справиме и со овој голем предизвик со којшто се соочува целиот свет – се наведува во соопштението на Лекарската комора.