Конечната одлука за начинот на кој ќе се спроведува наставата од септември ќе биде донесена врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести, информираат од Владата по седницата.
– Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информација со План за одржување на наставата во училиштата во учебната 2020/2021 година на Министерството за образование и наука, и донесе заклучок таа да биде споделена со Комисијата за заразни болести, по што врз основа на мислењето на Комисијата ќе биде донесена одлука за моделот за организирање и спроведување на наставниот процес во основните и средните училишта – наведуваат од Владата.
Претходно денеска, министерот за здравство Венко Филипче истакна дека ставот на Комисијата е наставата да се одржува онлајн, освен за првачињата за кои смета дека е неоходно физичко присуство.
Комисијата за заразни болести и претставници од Министерството за образование и утре ќе преговараат за начинот на кој ќе се реализира наставата, откако деновиве не успеаја да постигнат договор.