ИНТЕРВЈУ: СУЗАНА ТУНЕВА ПАУНОВСКА, СЕКРЕТАРКА НА ЦРВЕН КРСТ
Човечката солидарност и хуманост се многу важни вредности, кои е неопходно да се покажат на дело во ова невреме во кое пулсира светот. Во првата линија на фронтот, во борбата против ковид-19, покрај медицинските лица, полицијата, војската, се и волонтерите од Црвениот крст. Со заштитни маски на лицата и со визири, секојдневно несебично им помагаат на оние на кои во овие денови најмногу им е потребна помош.
Распоредени во мобилни тимови, волонтерите се тука за старите и снеможени лица, за оние што живеат сами, за семејствата со лица со посебни потреби, самохраните родители и другите ранливи категории граѓани, на кои им набавуваат лекови, храна и средства за хигиена.
За тоа што сѐ се работи во овој период разговаравме со секретарката на Црвениот крст, Сузана Тунева Пауновска, во ова интервју за „Нова Македонија“.
Кому сѐ му помагате во овој период откако почна вонредната состојба во државата?
– Поради ситуацијата во која се наоѓаме сега, некои од нашите редовни активности се запрени, некои продолжуваат, а некои од активностите се нови и специјално креирани за оваа новонастаната ситуација. Им даваме поддршка на бездомните лица, на мигрантите и бегалците што транзитираат низ нашата земја, на социјално загрозените лица. На лицата во домашни услови преку нашите негуватели и лични асистенти им даваме поддршка преку нашиот Дневен центар за крводарување за организирање на крводарителските акции, за да имаме доволно единици крв за да се задоволат потребите на терен.
За да функционирате полесно, формиравте мобилни тимови како сервис преку кој се набавуваат потребните работи.
– Да, формирани се тимови што набавуваат лекови, прехранбени производи и средства за лична хигиена и тие се доставуваат до домовите на старите снеможени лица што живеат сами, хронично болните лица, до семејства со лица со посебни потреби, самохрани родители и други ранливи категории на граѓани што живеат во Скопје. Сервисната услуга што ја обезбедуваат мобилните тимови е бесплатна, а граѓаните одвојуваат финансиски средства само за артиклите или лековите што треба да им се набават. Трошоците за функционирање на мобилните тимови ќе бидат покриени од фондацијата „Кока-кола и Пивара“ – Скопје. Целта на оваа активност е да им се овозможи поддршка на лицата на која таа им е најнеопходна, со што тие нема да имаат потреба да ги напуштаат своите домови, а на тој начин да се намали ризикот од инфицирање со ковид-19 (коронавирус). Постојат и СОС-линии на кои можат да се јавуваат сите граѓани за да добијат поддршка како да се справат со ситуацијата, а имаме и посебни линии само за старите лица.
Во кои градови дејствувате и што е најголем приоритет во моментов?
– Ваков сервис постои во секој град во нашата земја, поточно во Скопје 11 тима. Десет се организирани преку петте општински организации на Црвен крст Карпош, Гази Баба, Чаир, Кисела Вода и Центар и еден дополнителен само за бездомни лица. Дополнително на тоа, уште 26 тима се формирани и функционираат во други градови на територија на државата.
Дали во овој период е зголемен бројот на граѓани на кои им е потребна помош?
– Различни нешта им се потребни на граѓаните во овие моменти, некому храна, некому поддршка во хигиенски средства, некому да му се подигне инсулинска терапија, лекарства и слични нешта. Бројката е поголема поради состојбата во која се наоѓаме. Луѓето најчесто побаруваат лекарства, да им се платат сметки, храна и хигиенски производи. Некои од нив се јавуваат за да добијат и психосоцијална поддршка од страна на нашите обучени волонтери.
Колку волонтери има Црвениот крст постојано на терен?
– Во целата држава околу 250 лица се ангажирани на терен за да дадат поддршка во намалување на последиците од ковид-19.