СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА НА ТЕСТ ПО АНТИКОРОНА-МЕРКИ И ПРОТОКОЛИ
Со оглед на примената на строгите протоколи и мерки за заштита што можеа да се забележат при вчерашните уписи во средните училишта, навистина е тешко и да се замисли како ќе изгледа наставата од први септември
Учениците што завршија деветто одделение, вчера поднесуваа документи за упис во прва година во училиштата за средно образование. Овој пат го немаше вообичаениот метеж на влезовите. По строго утврден протокол, учениците и нивните родители трпеливо чекаа ред, одржувајќи дистанца од два метри и носејќи маски на лицата. Само на учениците им беше дозволено да влезат внатре, а не и на нивните мајки и татковци. Се влегуваше од еден влез, се излегуваше од друг. Вработени од обезбедувањето носеа визири и маски на лицата, а на неколку места во училишните холови имаше средства за дезинфекција.
– Во точно определено време, секој влегува по азбучен ред. На пример, децата што се презиваат на В и на Б, влегуваат еден по еден во периодот од 10 до 11 часот. Моето дете сака да поднесе документи за во германската паралелка – ни рече мајка на деветтоодделенка.
Силвана Кржовска, директорката на скопската гимназија ,,Јосип Броз Тито“, вели дека годинава во гимназијата има место за 408 ученици.
– Примаме 408 ученици во 10 паралелки на македонски јазик и две на турски јазик. Имаме и специјална германска паралелка, каде што учениците имаат уште три часа плус во неделата, германски јазик. Интерес за упис има, не знаеме каков е успехот на учениците што се пријавуваат, но очекувам дека се одлични. Првпат имаме уписи по протокол за заштита од ковид-19, не ни беше тешко да се организираме. Ако нешто учиме од ситуацијава, тоа е да застанеме во ред, без да си дишеме во врат и без кавги кој дошол прв – вели Кржовска.
Со почитување на правилата предвидени со протоколот, помина и првиот уписен ден во гимназијата ,,Орце Николов“. Со обележани крукчиња за држење дистанца, со сите средства за хигиена и лична заштита, учениците поднесуваа документи. Добро организирани беа и во ,,Никола Карев“.
Во средното медицинско училиште ,,Панче Караѓозов“ секој ученик мораше да помине низ патека обележана со лента. На влезот се чистат чевлите, се дезинфицираат рацете, па се влегува во училишната зграда.
– Не ни беше тешко да се организираме. Набавена е заштитна опрема, сите вработени имаат маски, визири, ракавици. Имавме донација во средства за дезинфекција. Има посебен протокол на движење, за да се контролира толпата, за разлика од лани, кога имаше голема збиеност. Примаме 646 ученици во прва година, на македонски и на албански наставен јазик. Не е исклучена можноста за полагање квалификациски испит, ако има потреба од селекција на кандидатите – вели Маја Салиу, директорката на училиштето.
Уписите траат четири дена, од изутрина, па сѐ до вечерта. Средното образование во Македонија е задолжително. Со оглед на примената на строгите протоколи и мерки за заштита што можеа да се забележат во училиштата, навистина е тешко и да се замисли како ќе изгледа наставата од први септември.