Со новите построги мерки кои се во собраниска процедура инспекторите ќе можат веднаш да ги затвораат угостителските објекти до 30 дена и да изрекуваат парична казна на лице место со платни налози. Ова го истакна денеска директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски.
Тој образложи дека со досегашното законско решение, инспекторите немаат право да ги затвораат објектите доколку ги нарушуваат протоколите за работа и единствено можат да поднесат кривична пријава.
– Овие денови додека Собранието не ги донесе новите законски решенија каде веднаш ќе пристапуваме кон празнење на угостителските објекти и затворање, ние постапуваме согласно досегашната практика односно поднесување на кривична пријава за нарушување на протоколите – изјави Пауновски.
Пауновски порача дека свеста на граѓаните треба да се издигне на највисоко ниво ако сакаме да се намалат бројките на заразени со ковид-19.