Државниот санитарен и здравствен инспекторат досега иницирал 25 стручни надзори кои треба да покажат дали имало лекарска грешка во лекувањето на починатите пациенти од ковид-19 до 40 години.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат Иринка Сотирова-Бухова вели дека утврдувањето на евентуалните лекарски грешки оди бавно оти се внимава лекарите кои го прават надзорот да немаат конфликт на интереси.
Стручните надзори кои ги иницира Државниот санитарен и здравствен инспекторат ги прави Лекарската комора на Македонија во која членуваат и лекарите кои се предмет на надзорот, како и нивни колеги, вработени во истите здравствени установи.
– Лекарите кои ги вршат стручните надзори кои ги иницираме се членови на лекарката комора, каде членуваат сите лекари кои имаат лиценци. Тие во моментов работаат и на лекување на пациентите. За да се избегне конфликт на интереси за стручните надзори се бираат лекари кои не работат на исто место и затоа надзорот трае подолго време, лекарите се преоптоварени. Ниту еден стручен надзор нема да остане неодговорен – рече директорката Сотирова-Бухова.
Во моментов во инспекторатот во тек се 11 вонредни надзори, а три надзори кои веќе ги направиле се затворени оти немало причина да се иницира стручен надзор од Лекарската комора.