Владата денеска на седница ја разгледа и ја усвои информацијата за регионалните и ЕУ-активности со цел олеснување на транспортот и трговијата на стоки по појавата на пандемијата со Ковид-19 и за прифаќање на заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА за олеснување на транспортот и трговијата на примарни производи во Западен Балкан и помеѓу Западен Балкан и земјите членки на Европската Унија.
Во согласност со оваа информација, Владата ги задолжи канцеларијата на претседателот на Владата во соработка со Министерство за финансии – Царинската управа, Министерството за економија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за земјоделство и водостопанство и Министерството за транспорт и врски да ги координира активностите поврзани со имплементација на мерките содржани во заедничкиот предлог на Секретаријатот на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА.
Заедничкиот предлог на Постојаниот секретаријат на транспортната заедница и Секретаријатот на ЦЕФТА за олеснување на транспортот и трговијата на примарни производи во Западен Балкан и помеѓу Западен Балкан и земјите членки на Европската Унија има цел да ги олесни трговијата и транспортот на стоки со преземање единствено дополнителни мерки на претпазливост, кои се или кои треба да бидат преземени, за да се обезбеди дека нема да дојде до избувнување на Ковид-19. Царината и другите контроли на стоки во легитимната трговија остануваат под трговските правила на ЦЕФТА и правилата што произлегуваат од договорите за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и регионалните партнери.
На оваа седница Владата донесе и уредба со законска сила за изменување на Законот за санацијата и реконструирањето на дел од банките во земјата, која ќе се применува за време на траење на вонредната состојба и која утврдува дека отплатата на главницата на обврзницата за надоместување на селективните кредити на Народната банка на Република Северна Македонија ќе се изврши на 1 април 2021 година.
Продолжувањето на рокот за отплата на обврзницата утврден со оваа уредба е со цел средства од буџетот за 2020 година наменети за отплата на обврзницата да се искористат за справување со последиците што коронавирусот ги има врз економијата во земјата.
Владата денеска ја донесе и уредбата со законска сила за примена на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа за време на вонредна состојба, со која се овозможува активностите за донесување и доставување на годишните сметки на единиците на локалната самоуправа и периодичните финансиски извештаи да бидат одложени за време на траењето на вонредната состојба.