Семејствата за заштитни средства трошат околу 3.000 денари месечно - Фото: Маја Јаневска-Илиева

НОВА СТАВКА ВО СЕМЕЈНИОТ БУЏЕТ

Ако во текот на работниот ден, како што треба правилно да се постапува, еден вработен смени три чифта ракавици и три маски, тоа просечно би го чинело 75 денари, а ако кон тоа се додаде и трошокот на вториот вработен член на семејството, се доаѓа до сума од 150 денари дневно. Сето тоа помножено со најмалку 20 работни дена во месецот, се доаѓа од сума од 3.000 денари, што е доста сериозна давачка за едно просечно семејство

Корона-кризата наметна нов начин на живеење, со кој се бара секојдневна употреба на заштитни маски, ракавици, средства за дезинфекција, поради што семејствата се соочуваат со нов трошок што во следниот период ќе мора да го издвојуваат. Некои од вработените од овој месец почнаа да се враќаат на работните места, но протоколите бараат задолжителна употреба на заштитни маски, ракавици и дезинфекциски средства, така што во оние компании каде што работодавецот не обезбедил вакви средства, товарот паѓа врз самите вработени.

– Од овој месец се вратив на работа. Газдата обезбеди само средство за дезинфекција на рацете, и тоа за муштериите што влегуваат во дуќанот, додека маска и ракавици си купувам сам. Работам во продавница за ИТ-опрема и дневно менувам барем по два чифта ракавици и маски, бидејќи ми се оштетуваат. Нормално, кога работиш со луѓе, заштитата на личното здравје е во прв план, така што морам да купувам ваква опрема, без оглед што на месечно ниво тоа ќе ми дојде како уште еден дополнителен финансиски товар – вели Давор Н. од Скопје.

Тој додава дека во слична ситуација е и неговата сопруга, така што сега месечно за заштитни средства трошат околу 3.000 денари.
– Тоа е еден дополнителен трошок. Не знам колку ќе трае ова, но очигледно до крајот на годината ќе остане вака, ако не продолжи и во иднина. Од есен и децата ќе тргнат на училиште, дополнително и за нив маски, ракавици, така што ништо чудно месечно да одат и многу повеќе пари на оваа ставка, што воопшто не е малку за платите што ги земаме – нагласува Давор.

Од аптеките велат дека последниве неколку месеци масовно се купуваат средства за заштита и дека не паметат толкава побарувачка.
– Имаме нарачки за достава на опрема за заштита од фирми што почнале со работа, но многу често доаѓаат и граѓани што си купуваат во сопствена режија. Обично набавуваат количества доволни за еден месец, но има и такви што купуваат на дневна основа – велат од една аптека.

Инаку, пресметките покажуваат дека едно четиричлено семејство во кое двајца членови се вработени и кои се придржуваат кон епидемиолошките препораки, дневно мора да издвои 150 денари само за ракавици и маски. Цената на ракавиците се движи од четири до 12 денари за пар, а на маските од 18 до 22 денари за парче.
Ако во текот на работниот ден, како што треба правилно да се постапува, еден вработен смени три чифта ракавици и три маски, тоа просечно би го чинело 75 денари, а кога кон тоа ќе се додаде и трошокот на вториот вработен член на семејството, се доаѓа до сума од 150 денари дневно. Сето тоа помножено со најмалку 20 работни дена во месецот, резултира со сума од околу 3.000 денари, што е доста сериозна давачка за едно просечно семејство.

Секако, секогаш може и поскапо доколку не се употребува хируршка туку еколошка маска, која чини многу повеќе, или, пак, доколку некој е алергичен на латекс, па мора да носи ракавици од нитрил, кои се исто така нешто поскапи.
Кога на сето ова ќе се додаде и средство за дезинфекција на рацете, кое се движи од 80 до 220 денари, во зависност од големината, тогаш се доаѓа до месечен трошок од 3.200 денари, или заокружено 50 евра нов месечен трошок.

Никој со сигурност не може да предвиди до кога ќе трае пандемијата, но, според очекувањата и најавите на епидемиолозите, веројатно овој нов трошок во семејствата ќе остане уште подолг период.