Битола

Покрај локалното дејствување на работната група за спроведување мерки за превенција од коронавирусот, Општина Битола од почетоков на неделава спроведува засилени мерки и препораки и презема активности во однос на сообраќајот и зголемената хигиена во сите општински установи. Општината e во координација и соработка со сите институции во градот што имаат одредена надлежност и поврзаност со активностите поврзани со ковид-19.

– Во постојан контакт и со одредени насоки за координирано дејствување се градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, директорката на Клиничката болница – Битола, Билјана Гагачова, директорката на Центарот за јавно здравје Елизабета Крстева и директорката на Домот за народно здравје „Хаим Абраванел“, Весна Спирковска. Во координираните активности се вклучени и други институции надлежни за безбедноста во градот – информираат од Општина Битола.
Надлежните уште еднаш апелираат до граѓаните да ги почитуваат сите препораки и законски обврски дадени од страна на Владата, кои секојдневно ги пренесува министерот за здравство Венко Филипче. Велат дека среќна околност е што тестираното лице од Битола е негативно, но во овој период мора многу да се внимава и сите заедно да се однесуваат одговорно.

Наедно, општината упатува апел и до сите добронамерници да не настапуваат волунтаристички, односно неорганизирано, и да не ја искористуваат ваквата состојба за популизам. За секоја новонастаната состојба или други преземени мерки од страна на Општина Битола, граѓаните ќе бидат навремено известени.