На лидерската средба во организација на претседателот на државата Стево Пендаровски е постигната согласност идната недела партиските водачи повторно да се состанат, откако претходно здравствените органи ќе се изјаснат за можниот термин за избори
По три часа разговори, без договор за датумот за одржување на изборите заврши вчерашната средба на лидерите на политичките партии кај претседателот на државата Стево Пендаровски. На средбата, која се одржа на отворено, со носење заштитни маски и со пропишана дистанца меѓу учесниците, присуствуваа и премиерот Оливер Спасовски и претседателот на Собранието, Талат Џафери. Постигната е согласност идната недела лидерите повторно да се состанат, откако претходно здравствените органи ќе се изјаснат за можниот термин за избори.
Христијан Мицковски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, вчера по состанокот изјави дека ако еден човечки загубен живот е цената со која неговата партија би победила на парламентарни избори, тој одбива да биде дел од таквата изборна процедура. Тој истакна дека за да се одржи кредибилен изборен процес, потребно е притоа да не се загрози здравјето на граѓаните.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека средбата била плодна и со детални анализи од сите. Тој ја спореди состојбата со борба со невидлив непријател, во која, како во секоја војна, главниот збор го имаат генералите, а во овој случај тоа се докторите и медицинските експерти.
– Останува идната недела да се одржи нова средба, за да се одлучи за можен датум за одржување на изборите – рече Ахмети.
Зиједин Села, лидерот на Алијансата за Албанците, изјави дека во духот на консензуалноста се одложило одлучувањето за датумот за изборите до следната недела.
Пред почетокот на состанокот во вилата „Водно“, во согласност со познатите протоколи за заштита на здравјето, на сите учесници им беше измерена телесна температура.
На лидерската без маска пристигна единствено генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Таравари, кој беше министер за здравство пред доаѓањето на Венко Филипче
Претходно министерот за здравство Венко Филипче истакна дека Комисијата за заразни болести изработила научни претпоставки за тоа како може да се движи состојбата со вирусот и најави олабавување на рестрикциите.
– Во согласност со сегашната состојба, во следните два месеци очекуваме најзначајно намалување на ширењето на вирусот – рече Филипче.
Министерот подвлече дека нешто што очекуваат да придонесе за ослабување на вирусот се високите температури.
Филипче информира дека Комисијата за заразни болести ќе испрати предлог до Владата за олабавување на мерките и да се овозможи ставање во функција најпрво на центрите за едукација, испитните центри, спортските обложувачници и затворените трговски центри.
Според него, состојбата ќе се следи, па, така, за наредната недела е предвидено да се отворат кафулињата и рестораните.