Учениците нема да можат да се видат, да се соберат како колектив, да си се поздрават како што само тие знаат – да се изгушкаат. Нема да можат во големи одделенски или генерациски групи да си честитаат со широка насмевка. И заедничките фотографии можеби ќе го имаат неизбежниот декор од корона-кризата – заштитните маски. Сепак, можеби корона-кризата наметнува ситуација по која оваа генерација ќе се разликува од другите и ќе биде, на некој начин, уникатна…
Средношколците се разделуваат без колективните испити и прослави
Матурантите во скопското училиште „Здравко Цветковски“ требаше да го прослават крајот на нивното средно образование на 18 мај. Датумот бил одреден многу пред да се случи ситуацијата со коронавирусот. Учениците се сликале и за на табло, многу пред да се случат пандемијата и вонредната состојба во нашата држава. Тогаш ниту „во кошмарен сон“ немало дека ќе се случи вакво нешто. Таблото е подготвено, но не е поставено во некој од трговските центри во градот, како што обично се прави секоја година во мај.
Ова е прва година во која ќе нема прослави дома, во ресторани, ќе нема подготовки, музика, збогување со професори, со соученици. Годинава првпат нема ниту полагање државна матура, која до лани беше услов за упис на факултет.
Татјана Алексиќ, професорка во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, вели дека матурантите оваа година најобјективно ќе го полагаат испитот на зрелоста – колку се зрели да се соочат со, како што вели, извонредно вонредни услови.
– Наместо матурски испит, ќе имаат можност за самотестирање, преиспитување колку воспитно-образовниот процес и домашното воспитување ги подготвиле матурантите да се приспособат на промените. Колку од нив сериозно и одговорно ќе ги совладаат наставните материјали, кои им се важни за понатамошната наобразба, и сами да си го проверат знаењето. Свесни сме дека и покрај ангажманите, онлајн наставата е импровизација, но сѐ може да се надомести ако се има желба и организација.
Матурските тестови ги има на сајтот matura.gov уште од 2006 година и секој одговорен матурант може да си го провери знаењето (достапни се и одговорите). Ќе се запишат на посакуваните факултети без просек од матурскиот испит или приемен, но за кратко време ќе има автоелиминација, ќе се разминат амбициите со реалното знаење. Можеби најтешко ќе им падне што нема да ја прославуваат матурската вечер, онака како што планирале и очекувале, но може да се приспособат на условите и да осмислат еден симболичен онлајн матурски перформанс, без гушкање и бакнување. Ќе дојдат поздрави времиња, ќе се соберат да прослават некоја годишнина, се надевам без турбофолк-музика. Важно е да останат здрави, сѐ друго е надоместливо – вели Алексиќ.
Родителите на годинешните матуранти со кои разговаравме велат дека се среќни поради матурирањето на нивните деца, иако околностите се вонредни. Билјана Гегоска, мајка на матурант во училиштето за средно образование „Здравко Цветковски“, вели дека кај неа преовладува чувството на среќа, радост, гордост, детето пораснало и дошол моментот за кој велат дека созрева, дека колку толку веќе станува свој човек, сам носи одлуки.
– Од една страна и ми олесна што, ете, сето тоа помина без нервози и трауми за самиот чин на полагање матура, затоа што лично јас сметам дека матурата е непотребен стрес, недоволен и некомпетентен начин на оценување на знаењето, исто како и екстерното – вели Гегоска.
Но она што ја погодува не е тоа што тие, гордите родители нема да прават прослава во кафеана, бидејќи и немале таков план, туку ја погодува тоа што децата нема да можат да се видат.
– Децата нема да можат да се соберат и да си се поздрават како што само тие знаат – да се изгушкаат, а не само „здраво“ и „чао“ од дистанца, да си честитаат онака со широка насмевка, која нема да биде покриена со маска. Сепак, толку време поминале заедно, се дружеле, пораснале заедно и сега одеднаш нема ништо. Којзнае кога ќе се сретнат пак, секој по својот пат, требаше барем да можеа да си кажат „среќно понатаму, се гледаме“ како што прилега, но, за жал, еве, околностите се вакви какви што се – емотивно вели Гегоска.
Во овие недели, секој професор индивидуално работи онлајн со учениците. Како што вели една професорка од скопска гимназија, веродостојност на резултатот не може да се очекува. Квалитетот не е како во училница, но и другиве европски и светски системи го имаат истиот проблем.
– Не може да се очекува некоја објективна оценка, но ако се земе и психолошки и емотивно, децата се навистина „паднати“. Летаргични се, апатични и демотивирани. Не може да сработат нешто до некаква перфекција – вели професорката.
Годинава се укина државната матура, но и училишната матура, како и завршниот испит. Учениците ќе добијат диплома за завршено средно образование со иста важност како и претходните години. Министерот Арбер Адеми соопшти дека со овие мерки ќе се овозможи матурантите да избегнат стрес и да се посветат да бараат работа или да го продолжат високото образование на факултетите. Учениците нема да се вратат во училишните клупи, а наставата, вклучувајќи ги и тестирањата, во целост ќе се одвива од дома.