Фондот за здравствено осигурување ја намалил цената на тестот за ковид-19 од 5.500 на 3.600 денари, по анализата што ја направил на цената утврдена во 2013 година, кога имало мал интерес за молекуларно тестирање. Директорот на Фондот, Ден Дончев вели дека истовремено со намалувањето на цената која ја плаќа Фондот, утврдиле дека приватните клиники ги наплаќаат тестовите по 1.500 денари па затоа по толку им ги платил и Фондот на оние лаборатории со кои имаат склучено договори за тестирање за коронавирус.
 

– Фондот имаше цена по методологија од 2013 година за вршење ПЦР тестови, молекуларни, од 5.500 денари, но тоа во услови кога само една или две јавни здравствени установи располагаа со такви тестови и потребата беше помала, пред да настапи пандемија. Во услови кога се прават помал број тестови фиксните трошоци се тие што се, а варијабилните се помали оти нема обем на тестирање и цената беше поставена 5.500 денари. Откога се соочивме со ковид-19 цената која поставивме беше истата. Фондот направи своја анализа по вообичаената методологија и пракса за цената на тестот по ПЦР, и дојдовме до цена од 3.600 како реална за овој тип услуга. Истовремено дојдовме до сознанија дека цената во слободни услови на пазар е 1.500 денари и затоа се донесе одлука за цена од 1.500 денари за нив. Во тој момент јавно пружена цена во приватните установи беше 1.500 денари, зошто ја зголемија е прашање за приватните здравствени установи – рече Дончев.

Наспроти тврдењата на директорот Дончев, Клиниката „Жан Митрев“ извести дека ја зголемила цената на тестовите од 1.500 на 3.600 денари за да се изедначи со цената која за овие тестови ја плаќа Фондот за здравствено осигурување.