Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, посочи дека има заглавени граѓани во Виена, Загреб, еден пар во Њујорк, а меѓу нив има и семејства со мали деца. Тој упати апел, да не се патува, бидејќи сутацијата е неизвесна и се менува од час во час.
– Повеќе ми е апел отколку информација. Прво, ве молам немојте да патувате. Значи македонски граѓанин кој утре ќе реши да оди некаде, сосема е неизвесно кога ќе може да се врати. Крајно е непредвидлива ситуацијата и од час во час се менува. Државите носат свои одлуки, затвораат граници за странски државјани, затвораат аеродроми, авио-комапниите откажуваат летови. Истовремено имам апел до македонските државјани кои имаат регулиран престој во друга држава, во овој кризен период да не се упатуваат кон татковината. Знам дека не е логично министер за надворешни работи да упатува апел да не се патува, меѓутоа такви ни се состојбите. Тие што имаат регулиран престој во трета држава да ги следат мерките и упатствата во тамошните влади – рече Димитров.
Министерството за надворешни работи побарало од Србија да се организира хуманитарен конвој за заглавените граѓани кои се таму и не можат да ја напуштат територијата поради затворените граници, да се вратат дома.
– Наш прв приоритет се нашите граѓни кои не се во татковината, немаат друга дома и се затечени на аеродроми, со откажани летови. Имаме такви повици од Виена, Загреб, еден пар во Њујорк, има фамилии со мали деца, разно разни ситуации. Ќе правиме се што можеме да организираме да се вратат дома. Морам да кажам дека немаме контрола врз граници на трети држави. Вчера, најсвежниот пример со Србија која ги затвори границите за патници, странски држави, вклучително и за македонските државјани. Има можност за организирање на хуманитарен конвој, кој што не е едноставно да се организира, бидејќи треба податоци, меѓутоа и за такво барање кое ние го правиме и доставуваме нота, нема гаранција дека тоа ќе се дозволи. Ќе направиме се што можеме да си ги вратиме граѓаните дома – рече Димитров.
Тој посочи дека и вечерва министерството бара решение за заглавени граѓани. Досега, група од скоро 200 граѓани се извлечени од унгарско-српската граница и се враќаат дома.
– Вчера имавме две ударни точки, првата беше хрватско-српска граница, а втората унгарско-српската граница која и вечерва ни е посебно актуелна. Една група од приближно 200 македонски граѓани со комуникација со Бугарија и Романија успеавме да ги извлечеме и најверојатно ќе дојдат на преминот Деве Баир во раните утрински часови – додаде Димитров.