Министерот за надворешни работи Никола Димитров утре ќе учествува на видеоконференција на Советот на Јадранско–јонската иницијатива и министерскиот состанок на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR).
Видео-конференцијата ќе се фокусира на потребата од преземање на неопходни мерки преку регионална солидарност со цел ублажување на импликациите што пандемијата од ковид-19 ги има пред се’ врз здравјето, но и врз социоекономскиот живот на граѓаните во земјите членки на иницијативата. За време на дискусиите министрите ќе разговараат за тековната и идна фаза од справувањето со последиците и предизвиците од пандемијата на коронавирусот.
Македонија за првпат ќе учествува на министерскиот состанок, откако на 2 април 2020 година официјално стана деветтата земја членка на Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонскиот регион (EUSAIR). Оваа година, организатор на редовниот министерски состанок е Србија, како претседавач со иницијативата.