Дваесет и двегодишна бремена пациентка од Скопје, позитивна на коронавирусот, е една од починатите 28 лица за кои денеска соопшти Министерството за здравство.
Таа имала дијабет и проблеми со тироидната жлезда.
Пациентката на 26 ноември од Гинеколошко-акушерската клиника била префрлена во ГОБ „8 Септември“ во многу тешка состојба. На Клиниката за гинекологија била три дена поради комплицирана бременост, а породен бил мртов плод со царски рез.
Како што соопштуваат од Министерството за здравство, нејзината здравствена состојба била многу лоша и таа за сето тоа време била на респиратор. Третманот со респиратор продолжил и во ГОБ „8 Септември“ каде била донесена во критична состојба.
– За време на лекувањето во двете институции преземени се сите мерки на интензивно лекување и покрај тоа пациентката починала на 9 декември – информираат од Министерството.
Ова е шеста трудница во земјава која почина како последица на ковид-19.
Во последново деноноќие, починати се 28 лица, пет пациенти од Скопје (58, 75, 67, 78 и 22 години), еден од Куманово (69), еден од Дебар (66), шест пациенти од Прилеп (70, 77, 53, 56, 69 и 82 години), двајца од Струга (59 и 69 години), еден од Велес (66), тројца од Битола (76, 69 и 61 година), еден од Кавадарци (57), еден од Гостивар (83), еден од Радовиш (80), еден од Крушево (64), еден од Кочани (65), еден од Пробиштип (78), двајца пациенти од Кратово (76 и 76 години) и еден пациент од Кичево (80).
Од нив, двајца се починати вон, а останатите се починати во болнички услови.