Херојски подвиг на доктор од Куманово
Сите оние кои имаат прележано ковид-19, нека донираат крв односно плазма. Нека спасуваат животи. Една таква ќеса, многу значи за тие пациенти кои се во тешка состојба, апелира д-р Мирослав Бошковски
Д-р Мирослав Бошковски од Куманово, 35-годишен матичен лекар од Куманово и специјализант по интерна медицина, денеска донираше крвна плазма за да спаси човечки живот. Тој, за „Нова Македонија“ вели дека пред 11 дена се регистрирал да дарува ковалесцентна плазма, а во меѓувреме го видел апелот за помош, во кој се бараше да се донира плазма за четириесетгодишниот пациент од Ресен, кој беше споделуван деновиве на социјалните мрежи.
– Кога видов дека се бара моја крвна група, Б позитив, веднаш телефонски контактирав со Институт за трансузуиона медицина. Во рок од 24 часа ги направија сите напори, ги направивме сите тестови, анализи, вклучително и оние со кои се гледа дали имам доволно протеини, хемоглобин и количество на антитела. Откако ги направија испитувањата, дадов крвна плазма. Процедурата е иста како за давање крв, трае 10 минути. Потоа се прави обработка на крвта за да се извлече плазмата и за краток период се носи во болницата каде што е пациентот, и му се аплицира – вели д-р Бошковски.
Од најстари времиња се знае дека ако се даде плазма од човек кој прележал инфективна болест, на пациент кој е заболен, ќе му помогне во одбраната од истата, додава докторот.
– Се надевам искрено дека ќе помогнам. Откако донирав плазма, се чувствував исполнето и среќно, имав чувство дека сум направил добро дело. Тоа, нема цена, сознанието дека си помогнал за да спасиш нечиј живот. И покрај тоа што тоа ни е секојдневна обврска на нас лекарите, сепак чувството овој пат беше посебно – вели Бошковски.
Тој апелира до пациентите кои имаат прележано ковид-19, да го сторат истото.
– Тие што знаат дека можат да помогнат, нека спасат живот. Една кеса плазма многу значи за тие пациенти кои се во тешка состојба. Апелирам до сите колеги и до сите граѓани кои прележале ковид-19, веднаш по истекот на минималниот период од оздравувањето веднаш да се пријават за донирање, особено поради фактот што тоа е периодот кога заштитните антитела имаат највисок титар – додаде тој.
Д-р Бошковски вели дека речиси сите во семејството биле заболени во периодот од 30 март до 15 април. Тој лично бил хоспитализиран и во болницата во Куманово, а мајка му била хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести.
– Немав некои поголеми компликации и проблеми. Имав симптоми, почна со треска, малаксаност и кашлица. Бев и на кислородна поддршка. Добивав симтоматска и супортивна терапија. Сега, сите сме добри – завршува Мирослав, кој е активен член и на Лекарската комора.