Во просек, 13 отсто од тестираните за ковид-19 се позитивни, а неделно се прават 8.000 тестови, истакна министерот за здравство, Венко Филипче, кој на денешната прес-конференција во Владата се осврна на бројките и статистиката за ковид-19 во Македонија.
– Во земјата досега се направени 68.059 тестирања. Стратегијата на широко интензивно тестирање, вклучително и тестирање на контакти на позитивните по индикација дава резултати. Овој пристап на дава да имаме еден широк увид на состојбата на ширењето на вирусот и овој систем помага да ја стабилизираме ситуацијата во двете жаришта пред сѐ, во скопскиот и тетовскиот регион – рече минисерот Филипче.
Според него, како резултат на оваа стратегија имаме рана детекција на асимптоматски случаи и нивно изолирање.
– Анализата во однос на процентот на позитивни од тестирани случаи покажува дека имаме просек од 13 проценти од вкупниот број на направени тестови и во изминатиот период оваа бројка не се менува значително – додаде Филипче.
Тој потенцираше дека светот е далеку од крајот на пандемијата, бидејќи земјите кои веќе имаа прогласено крај на пандемијата, според најновите информации повторно имаат нови случаи на ковид-19.