Согласно со последните податоци, бројот на активни случаи на заразени со коронавирус изнесува 11.769 лица. Најмногу заразени се’ уште има во Скопје (4.150), Тетово (1.911) и Гостивар (1.494). Зад нив е Куманово (768), а потоа Струмица и Кичево со по над 500 заразени. Во последните 24 часа беа регистрирани се 1.210 нови случаи на ковид-19, 451 оздравени пациенти и 32 починати лица.
Досега во земјата се направени вкупно 1.118.535 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 170.412, бројката на оздравени пациенти е 152.916, на починати е 5.727.
Владата синоќа донесе измени и дополнувања на мерките што се однесуваат на затворените објекти. Со нив, се дозволува организирање и одржување на спортски натпревари со присуство на публика, настани од културата, работа на ресторани, кафетерии, кладилници, обложувалници, концерти, семинари, работилници и други настани на затворено со 30 проценти од капацитетот на просторот, а на отворено до 50 отсто од капацитетот, со почитување на протоколите и мерките за заштита од ковид-19, со поседување сертификат за примена на најмалку прва доза вакцина или сертификат за прележаност не постар од 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето.
Останува забраната за одржување свадби, родендени и други приватни прослави во затворените делови на угостителските објекти, како и сите други мерки согласно одлуката од 99-та седница според која за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:
– Сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од коронавирусот, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест ковид-19 или
– Сертификат/потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.
Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, како и за влез во затворениот дел од моловите.
Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжително е воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на Ковид-19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.
Останува и забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30 проценти од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните Ковид-19 документи.