Четворица вработени во телевизијата „Канал 5“ ќе бидат во домашна изолација, бидејќи дента, кога главниот уредник Гоце Михајловски ги добил првите симптоми, тие биле на работа. Ова го соопшти новинарката Тамара Стојкова, а пак, министерот за здравство Венко Филипче рече дека епидемиолошките анкети се завршени.
Новинарите од останатите телевизиски куќи на денешната прес-конференција на министерот побараа одговор дали ќе бидат исконтактирани и тие од епидемиолозите, бидејќи имале контакт со колегите од „Канал 5“.
Според новинарските јавувања во живо за време на прес-конференцијата од Филипче, новинарите од другите медиуми чувствуваат немир по веста дека четворица нивни колеги се во изолација.
– Епидемиолозите беа во комуникација со одговорните од телевизијата. Се направија интервјуа со сите вработени и кои се сметаат дека се од висок ризик. Јас верувам дека и колегите од останатите медиуми, како и сите други приватни контакти на тие лица кои се смета дека се во ризик, се направени или ќе бидат направени во текот на утрешниот ден, согласно тоа, ќе бидат преземени и одредени мерки. Доколку има некаква потреба за самата телевизија, детално е исчистена, според стандардите. Центарот за јавно здравје беше во комуникација со уредниците и сметам дека за таа институција важат апсолутно истите протоколи, пристапот кон заболените и нивните примарни контакти, како и за сите други институции – рече Филипче.
Претходно, уредникот во телевизијата „Канал 5“, Гоце Михајлоски, кој е заболен од коронавирус, во неговата блиска фамилија имал член кој бил позитивен на ковид-19, потврди директорката на ДСЗИ, Ирина Бухова. Тој имал контакт со него. Михајлоски е хоспитализиран во болницата „8 септември“ и е во стабилна состојба.