Пазарните инспектори го запечатија влезот на базенот во Виница, за кој претходно поднесоа кривична пријава, бидејќи сопственикот организираше забава и покрај забраната која е донесена поради пандемијата со коронавирусот.
Објектот нема да смее да работи се додека не се донесат протоколи од Комисијата за заразни болести чија изработка е во тек. Заедно со базенот, запечатен е и кафе-барот. Забавата на базенот се одржа минатиот викенд, а инспекторите истата вечер интервенираа во неколку објекти.
Претходно, Пазарниот инспекторат го затвори ноќниот клуб „Аватар“ во Струмица кој исто така доби кривична пријава, а Обвинителството води постапка за клубот „Калипсо“ во Прилеп.
Пазарниот инспекторат веќе најави дека во периодот кој следува, па се до донесување на протоколите за работа, сите ноќни клубови, но и објекти каде се одржуваат забави, ќе бидат веднаш затворани и гонети пред надлежните органи.