Ако се придржувавме до мерките и примевме вакцини, немаше да бидеме на милост и немилост, вели д-р Александар Стојанов, поранешниот директор на Центарот за јавно здравје – Скопје и член на Комисијата за заразни болести, кој сега е во пензија, коментирајќи ја актуелната епидемиолошка состојба во Македонија по наглото зголемување на бројот на случаи на ковид-19, за кое смета дека се должи и на собирањата во текот на новогодишните празници. Вчера беа забележани 1.197 новозаразени од ковид-19, што претставува значителен пораст во однос на 242-та, односно 246-те случаи во претходните денови.
– Летоска беа свадбите, а сега новогодишните прослави. Не можете да не ги почитувате мерките, да има собирања, без маски, без одржување дистанца… Истата ситуација во изминатиот период беше забележана и во Англија и во Германија, па видете колку случаи имаат и таму. Цело време го зборуваме истото, ние две години се повторуваме. Ако самите не се пазиме, нема ни да се заштитиме. Тоа треба да ни влезе во глава – категоричен е д-р Стојанов.
Олеснителни околности при ширењето на омикрон, според Стојанов, претставуваат поблагите симптоми и релативно малиот број на смртни случаи меѓу заразените. Вчера беа регистрирани девет нови случаи на омикрон во Македонија, од кои осум во Скопје и еден во Кочани.
– Регистриран е релативно мал број на смртни случаи. Добра страна е што заразата се поминува дома. Инкубацијата трае три дена, а просекот на лечење пет дена, лошо е што вирусот се шири полесно – истакнува д-р Стојанов.
Тој смета дека е потребно воведување на одредени превентивни мерки за спречување на ширењето на заразата, наспроти неможноста за нивно соодветно спроведување.
– Потребно е да се скрати работното време, веројатно на угостителите и на трговските центри, но тоа е тешко за спроведување. Згора, сертификатите се фалсификуваат или не се проверуваат. За такво нешто е потребен голем број на контролори, а државата нема капацитети. Не можеме ниту починатите да ги евидентираме соодветно, а истото важи и за анкетирањето на заболените. Не е во ред од епидемиолошка гледна точка да им се оди дома на заболените, а многумина од нив не се јавуваат на телефон. Пријавувањето се избегнува бидејќи луѓето не сакаат да бидат затворени во изолација. Летоска пропуштивме прилика и кога станува збор за вакцинацијата. А сегашните проценти ги зголемуваат повозрасните, додека кај помладите има слаб интерес. Тешка е ваквата борба – заклучува д-р Стојанов.