Од Центарот за јавно здравје Прилеп информираат дека од почетокот на март до денеска во општина Прилеп регистрирани се 312 нови случаи на ковид-19.
Од последици на коронавирусот починале 3 лица.
Пандемијата од коронавирусот никако да згасне во Прилеп, а потврда за ова е дека бројот на активни случаи изнесува 690. Од нив во домашна изолација и самоизолација, заклучно со вчера, се наоѓаат 648 лица.
Од денеска во прилепската болница се активира како ковид центар и гинеколошкото одделение. Ова е трет оддел, по одделот за уво нос и грло и интерно, што дополнително од инфективното одделение се активира во прилепската болница за лекување на заразени од ковид 19.
Според в.д директорот Кети Смилеска на лекување во болницата се 77 пациенти, а дневно терапија примаат 98 лица. Слободни места за хоспитализација има само за уште 30 лица. Токму и затоа апелите на надлежните се за поголемо внимание и почитување на мерките за заштита од страна на граѓаните.
Инаку, од почетокот на пандемијата вкупниот број на заразени од ковид-19 во Прилеп изнесува 5.743, а од вирусот починале 267 лица.
Ка.М.