Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, се сретна со претставнички на мајките коишто се на породилно отсуство. На средбата се разговараше за состојбата за упис на децата во градинките, како и за потребата општините и директорите на градинките соодветно да го раководат процесот на прием на деца во градинките, за да се овозможи целосно искористување на капацитетите во градинките.
Министерката Шахпаска информираше дека Министерството за труд и социјална политика ја следи состојбата со пандемијата во градинките на дневно ниво. Таа нагласи дека анализата покажува дека сместувањето во градинките е безбедно и дека нема внатрешна трансмисија на вирусот.
– Врз основа на досегашните информации бројот на заболени деца од ковид-19 во нив е минимален и не бележи тенденција на раст – рече таа.
Во однос на барањето за продолжување на породилното отсуство министерката Шахпаска информираше дека со оглед на стабилната состојба во градинките, како и поради фактот што вработените во градинките беа приоритетно вакцинирани, Министерството за труд и социјална политика достави писмено допис до Комисијата за заштита од заразни болести со кој предлага да се разгледа можноста за зголемување на бројот на деца во градинките.
– Согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца по престанување на траењето на вонредната состојба, во моментов е предвидено воспитните групи за деца до две годишна возраст да имаат максимум по 12 деца, додека групите за децата од 2 до 10 годишна возраст да имаат по максимум 15 деца – додаде Шахпаска.
Доколку биде прифатен предлогот, образложи министерката, дополнително ќе се зголеми капацитетот на градинките, ќе можат да се примат повеќе деца, со што ќе се обезбеди грижа за децата особено во оние семејства каде што и двајцата родители работат или пак се самохрани родители.