Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев оствари работна посета на граничниот премин Табановце каде се сретна со полициските службеници кои се ангажирани на граничниот премин и ги преземаат мерките кои се донесени од страна на владата за справување со Корона вирусот.
– Денеска сум во посета на граничниот премин Табановце и остварив работна средба со полициските службеници кои се распоредени и помагаат, односно даваат надчовечки напори за намалување на последиците од епидемијата на Ковид 19. Дојдов тука да им изразам поддршка на овие наши колеги кои деноноќно работат и даваат се од себе. Како министер за внатрешни работи, во рамки на сите средби на државниот врв изминатиот период, инстистирав дека е неопходно преземање построги и поитни мерки со кои ќе се гарантира и ќе се заштити животот и здравјето на граѓаните и дека ако делуваме сите заедно тогаш можеме да успееме – потенцираше Чулев во своето обраќање.
Тој нагласи дека македонската полиција, сите полициски службеници, се свесни за вонредноста на состојбата и за напорите и големиот влог што треба да се даде со цел успешно да го пребродиме ова премрежие.
Ние, како министерство, ќе дадеме се од себе и ќе ги спроведем сите упатства и насоки, независно колкави жртви да се бараат од нас. Но, притоа апелирам на максимално граѓанско разбирање и кооперативност во заедничката борба што ќе ја водиме и што – бидете сигурни – ќе ја добиеме. Министерството за внатрешни работи, како што впрочем јавно кажав и пред два дена, ќе биде во постојан и отворен контакт со средствата за јавно информирање и со сите заинтересирани граѓани во насока на транспарентно и заедничко делување во спречувањето на ширењето на епидемијата, додаде Чулев.
Секторот за внатрешни работи Куманово заклучно со денес има поднесено три кривични пријави кои се однесуваат на непочитување и неспроведување на мерките од владата и согласно со член 206 од кривичнио законик доставени се кривични пријави до јавното обвинителство. Апелирам до граѓаните да ги почитуваат препораките од владата и да се воздржат од патување во странство, заклучи Чулев.