По два дена без инфицирани лица од ковид-19, денес во Кичево се регистрирани четворица новозаразени од вирусот, по што вкупниот број на инфицирани се искачи на 34. Од Кризниот штаб апелираат до граѓаните задолжително да носат заштитни маски кога претојуваат во затворен простор, редовно да ги мијат рацете и да држат прописно растојание кога се во контакт со други лица.
– По дводневно затишје и без новозаболени од ковид-19, денес во нашиот град регистрирани се 4 новозаразени лица, со што вкупната бројка се искачи на 34, од кои 29 се активни случаи. Четири лица се излекувани и едно лице почина. И овој пат новозаразените се од веќе познати кластери, добрата вест е таа што овие лица, или повеќето од нив, се со лесна клиничка слика и се наоѓаат во домашен карантин.
Уште еднаш би апелирал до нашите сограѓани, строго да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19, да не се групираат, да носат задолжително маски во затворени простори, да одржуваат редовна хигиена на рацете и на просториите во кои престојуваат и, во контакт со други лица да држат прописно растојание.
Ако повеќето граѓани се придржуваат на овие мерки, речиси сигурен сум дека бројот на новозаразени нема да се зголемува или ќе има сосема мал пораст – рече претседателот на Општинскиот Кризен штаб, градоначалникот Фатмир Дехари.