Фондот за здравствено осигурување од утре, (1 мај) воведува пропишување и издавање на лекови без хартија, преку електронски рецепт (еРецепт) за хронична терапија за хронично болни лица.
Ова значи дека нема потреба хроничните болни да одат кај матичен лекар за да им биде препишан и издаден хартиен рецепт.
– Наместо да губат време за одење, чекање во ординации и враќање, корисниците на хроничната терапија ќе треба телефонски да исконтактираат со својот матичен лекар и да добијат информација дека им е искреиран електронскиот рецепт. Потоа одат директно во аптека и со документ за лична идентификација ќе можат да ги подигнат пропишаните лекови – информираат од Фондот за здравство.
Предвидена е можност, друга личност да ја подигне терапијата во нивно име, доколку хроничните пациенти не можат лично да го сторат тоа.
– Освен тоа што ќе придонесе за поефикасна заштита на пациентите и медицинскиот персонал од актуелниот коронавирус, електронскиот рецепт ќе продолжи да функционира и по завршувањето на пандемијата со ковид-19 – објаснуваат од Фондот.
Од утре проектот ќе функционира за хроничните пацинети, а забрзано се работи за да профункционира за сите осигуреници и за сите дијагнози.