Градоначалничката на Турку Мина Арве вчера соопшти дека почнала преговори за подобрување на безбедносните протоколи за летовите од Скопје, откако десетици патници беа тестирани позитивни на коронавирус по пристигнувањето во финскиот град, поттикнувајќи загриженост од локалните власти, како и од финската влада, објавува „Хелсинки тајмс“.
– Почнав разговори со градските власти, со компанијата што управува со финските аеродроми „Финавија“, како и со авиокомпанијата чии летови доаѓаат од Скопје за тоа како би можеле да се осигуриме дека патниците со коронавирус нема да се качат на летовите за Турку. Ова е заедничка грижа. На авиокомпаниите не може да им биде препуштено сами да се справуваат со ова прашање – истакна Арве.
Според информациите во финските медиуми, владата на Финска сериозно ја разгледува можноста за суспендирање на летовите од Скопје до Турку, со што министерот за транспорт Тимо Харака е решен да го претстави ваквиот предлог пред владата.
– Ги разгледавме законите за ваквите околности и имаме повеќе можности. Ќе ги претставам пред владата и одлуката ќе биде донесена. Ова не е предлог, но се подготвуваме привремено да ги прекинеме летовите од Скопје до Турку. Сигурен сум дека можеме да разговараме за период на транзиција што ќе им овозможи на Финците да се вратат дома – посочи Харака.
Со саботниот лет на „Визер“ од Скопје, во Турку пристигнале уште 12 позитивни патници. Во авионот имало 115 патници, а тестирани биле 95 отсто. На сите им се издадени наредби за домашен карантин. Ова е трет едноподруго лет на линијата Скопје – Турку во кој беа откриени патници позитивни на ковид-19. На првиот лет на 8 август, по доброволното тестирање на сите што пристигнаа од Скопје, позитивни беа 26 лица, а на вториот на 11 август уште пет. Досега, на трите лета се регистрирани вкупно 42 случаја на коронавирус.
Повеќето од патниците во трите лета биле со патни исправи на Косово и на Финска. Според податоците на финските гранични служби само 20 државјани на Македонија пристигнале во Турку месецов, додека од земјите надвор од ЕУ главно доаѓале државјани на Финска (1.056) и на Косово (452). Околу 15 отсто од патниците на трите лета од Скопје живеат во финскиот град, според податоците на градските власти. Не е познато колкумина фински државјани имаа потекло од Косово, наведуваат финските медиуми. Финска забележа 293 случаи во изминатите две недели, со што се наведува дека добро се справува со вирусот.
Министерот за здравство Венко Филипче, на вчерашната прес-конференција кажа дека по првичниот случај со летотот со позитивни патници од Скопје, пратиле писмо преку Министерството за надворешни работи до Амбасадата во Стокхолм, која ја покрива и Финска, но не го добиле списокот со 24 лица детектирани како позитивни.
– Наша цел беше да видиме дали се наши или државјани на Косово, кои беа во тој авион, но по вториот случај, на Комисија за заразни болести ќе дискутираме за воведување ПЦР-тестови и за транзит-патниците. Во целиот регион имаме најстабилна ситуација, кај нас има подобрување, нема потреба нашата земја, нашиот аеродром, да стои како место од кое излегуваат позитивни патници – рече вчера министерот Филипче.
Комисијата за заразни болести, на утринскиот состанок донесе одлука да се воведе задолжителен ПЦР тест за патниците од Косово коишто минуваат низ Македонија. Транзит-патниците на граничниот премин треба да покажат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа. Предлогот од Комисијата ќе биде доставен до Владата. М.Ж.