Финска ги суспендира летовите од Македонија до 29 август, откако уште 17 патници заразени со коронавирус пристигнале во Турку со лет од Скопје во вторникот. Како што истакнаа финските власти, тестирани биле 113 од вкупно 127 патници во авионот, и сите се ставени во карантин, пренесе „Хелсинки тајмс“.
Одлуката е донесена од Агенцијата за транспорт и врски Трафиком, врз основа на анализата на Националниот институт за здравство, како што соопшти финскиот министер за транспорт и врски Тимо Харака.
Суспензијата на летовите уследи откако беа регистрирани вкупно 60 случаи на коронавирус на последните четири лета од Скопје до Турку. На првиот лет на 8 август по доброволното тестирање на сите кои пристигнаа од Скопје позитивни беа 26 лица, на вториот на 11 август пет, а на 18 август уште 12. Летовите на авиолинијата Скопје – Турку се реализираат двапати неделно.
Најголем дел од патниците во четирите лета биле со патни исправи на Косово и на Финска. Сепак, финските власти ја ставија Македонија на листата на високорзични земји.
Комисијата за заразни болести вчера предложи ПЦР тест за граѓаните од Косово кои транзитираат низ Македонија.