Министерот за здравство, Венко Филипче, утрово од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) побарал да извршат вонреден инспекциски надзор за утврдување на возраста на пациентите хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“, откако на социјалните мрежи и во медиуми излезе информација дека, наводно, пациент кој требало да се хоспитализира во ковид-центарот во таа болница бил вратен поради неговата возраст.
Филипче добил податоци дека во ГОБ „8 Септември“ од 107 лежечки пациенти, 38 се на возраст од 68 до 88 години.
– Пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг ковид центар доколку во ГОБ „8 Септември“ нема слободен кревет, а додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во ковид центарот каде има слободен кревет за да биде хоспитализиран. Хоспитализацијата на пациентите во ниту еден случај не зависи од нивната возраст. Секој пациент, без разлика колку години е, има подеднакво право на болничка нега и третман – вели Филипче.