На покана на Министерството за здравство во посета на нашата земја е д-р Фабио Скано, советник на регионалниот директор на Светската здравствена организација Европа, Ханс Клуге.
Скано претпладнево имаше средба со министерот за здравство Венко Филипче, со претставници од Комисијата за заразни болести, Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје, лабораториите за ковид-19 и други здравствени установи кои се вклучени во справувањето со епидемијата.
На средбата беа споделени досегашните искуства, но и препораки за понатамошно справување со коронавирусот, а беше дискутирано и како да се подобри разбирањето за развојот на ковид-19 и влијанието на тековните мерки за заштита од ширење на вирусот. Мисијата се одвива во рамките на соработката воспоставена меѓу Канцеларијата на СЗО во Северна Македонија и Владата во борбата против пандемијата ковид-19.