Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција најави дека за есенва се размислува за воведување на повеќе мерки, како превенција од ширењето на коронавирусот.
Од нив тој го издвои задолжителното носење на заштитна маска во сите јавни затворени простори како што се јавен превоз, маркети, банки, пошти, амбуланти, болници, институции, како и на отворени простори каде што нема можност за одржување на растојание од два метри како што се пазари, отворени трговски центри, тесни улици, автобуски постојки и слично.
Меѓу мерките е и предлог за ограничување на гостите на маса во угостителските објекти и забрането групирање.
– Наша цел е навремено да воведеме мерки кои ќе влијаат на спречување на ширењето на вирусот. Сакаме да избегнеме рестрикции на движење, но доколку тоа биде нужно секако дека ќе го направиме – рече Филипче и додаде дека во текот на следната недела ќе ја информира јавноста за донесените мерки.
Тој исто така говореше за состојбата со епидемијата во нашата земја.
Филипче изјави дека состојбата кај нас како и секаде во Европа се влошува со завршувањето на летото.
– Според анализата на Комисијата за заразни болести, од почетокот на епидемијата најголем број на случаи се регистрирани во Скопје – рече Филипче.
Од анализите на епидемиолошките анкети на новозаразените се покажало дека тие не ги почитувале мерките, учествувале во собири и не држеле дистанца.
Статистиката покажува дека пациeнтите над 60 години се најзастапени меѓу заразените, посочи министерот.