Школската година почнува утре со редовно физичко присуство, со најавените исклучоци за средните училишта во Тетово и во Гостивар кои ќе ја почнат наставата онлајн. Сите анализи во однос на училиштата недвосмислено укажуваат дека учебната година треба да почне со физичко присуство, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, додавајќи дека предвидени се исклучоци за деца или нивни членови на семејствата кои имаат хронични болести, како и оти можеме да им помогнеме на децата со тоа што ќе се вакцинираме.
Министерот за здравство нагласи дека протоколите за училиштата се подготвени.
– Видовме многу реакции на граѓани кои од разбирливи причини се грижат и бараат онлајн настава. Ние сме подготвени да дадеме и други препораки доколку забележиме дека ситуацијата се вложува. За тоа се подготвени сите модели и сценарија во Министерството за образование. Подготвени се протоколите за училиштата – категоричен е Филипче.
За секое училиште ќе важат посебни критериуми во зависност од сценариото ако се појави ширење на коронавирусот.
– За секое училиште ќе важат посебни критериуми во зависност од сценариото ако се појави трансмисија на вирусот, за што проценката ќе ја прават епидемиолозите. Моделите опфаќаат онлајн настава – делумна, со физичко присуство, или потполна онлајн настава – објасни Филипче.
Тој напомена дека во државата моментно има околу илјада хоспитализирани пациенти со коронавирус. Според министерот, најоптоварени се болниците во Тетово и во Гостивар, делумно и во Кичево, Струга и во Охрид.