Министерот за здравство, Венко Филипче, информира дека е завршена постапката за набавка и стигнати се тестовите за брза дијагностика на ковид-19, кои ќе се користат при приемот на пациенти во клиничките болници.
– Набавивме тестови за т.н. брза дијагностика, тие стигнаа, и ќе бидат распределени во лабораторијата на Институтот за јавно здравје, Инфективната клиника и Гинеколошко акушерската клиника. Тој тест е готов за 45 минути. Што значи после тријажата и ваквиот брз тест, веднаш ќе се пристапи кон соодветната интервенција – изјави вчера Филипче.
Во однос на одложените интервенции на хируршките клиники, Филипче информира дека дел од персоналот од овие клиники помагаат и во другите инфективни одделенија, но има и клиники кои функционираат.
– Има добар дел од клиниките коишто сосем добро ја организираа работата и сега функционираат, како клиниката за хематологија, за гастроентерохепатологија, пулмологија во оној дел за пациенти коишто се ковид негативни и кардиологија, којашто веќе почна да го враќа програмот на откажаните пациенти – изјави Филипче и додаде дека за одложените пациенти, веќе се направени интерни списоци од страна на стручните колегиуми и ќе се викаат пациентите по ред онака како што биле откажувани.