Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска учествуваше на тематскиот форум „Справување со кризата со (не)доволни ресурси“, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка и „Цивика мобилитас“.
Филипче во своето излагање се осврна на важноста на граѓанските организации и нивниот придонес во креирањето политики, како и за справувањето со кризата предизвикана од коронавирусот. Говорејќи за менаџирањето на ковид-кризата, посочи на два сегмента – интензивната соработка и комуникацијата меѓу сите институции, организациската поставеност, секојдневната координација на активности меѓу институциите и функционирање на Главниот координативен кризен штаб на ниво на Владата, од една страна, како и честата комуникација со јавноста, од друга.
– На тој начин многу лесно се пресретнува ширењето лажни вести. Таа честа комуникација е можност да се споделат вистинските информации, да се чуе повратна информација од терен, да видиме кои се вистинските проблеми што практично секојдневно се менуваа и секој ден на некој начин значеше нов предизвик – рече Филипче.
Како клучен сегмент во справување со ковид -кризата, министерот зборуваше за солидарноста и многуте донации, кои се од голема помош на здравствениот систем.
– Солидарноста се покажа навистина на високо ниво, имаше огромен број донатори, институции тука во државата, компании, стопански комори, странски донатори, амбасади на разни земји, Европската Унија, како во финансиски средства така и во конкретна и специфична опрема. Во консултации со нас кажувавме што точно ни треба и тоа беше една навистина сериозна помош без која, мора да бидеме искрени и да кажеме, тешко ќе се управуваше со кризата така како во изминатиов период. Оваа сериозна помош, која стигна од сите овие фактори во нашето општество, со што многу од нив покажуваа висок степен на свест, општествена одговорност. Таа соработка трае и во овој период и веројатно дека ќе продолжи да трае и во иднина – рече Филипче.
Министерот наведе дека во изминатиот период повеќе од три години Министерството за здравство има позитивно искуство на соработка со многу граѓански организации и одлична можност да се чуе гласот на разни групи граѓани со кои тие невладини органзации работат. Овие организации исто така се вклучени и во креирање на политиките, како и имплементатори на политиките заедно со институциите.
– По напуштањето на соработката со Глобалниот фонд, ние ги имплементиравме договорите со граѓанските организации. Оваа криза малку ни ги забави плановите, планираме законски измени со кои ќе им ги зголемиме ингеренциите на граѓанските организации што работат во овој сектор, конкретно во здравствениот сектор, токму поради тоа да ги искористиме нивните капацитети. Мораме да бидеме искрени и да признаеме дека граѓанските организации навистина имаат и повеќе сознанија и повеќе инструменти и повеќе пристап отколку институциите и затоа сметам дека апсолутно треба да се поддржат и понатаму да се промовираат и да се направи сè во смисла на законска измена за тие да се надградат и во иднина – рече Филипче.
Министерот рече дека ние како мала земја не смееме, ниту треба да дозволиме некој да го оставиме настрана, туку сите фактори во општеството треба да се вклучат во креирањето политики.
– Барем ние тука во Министерството за здравство не веруваме дека политика може да се спроведе ако е наметната. Политика може да се спроведе само ако вистински ѝ служи на групата за која е наменета и само така може да има ефект. Дополнително, може да служи и да биде повеќе стимулативно ако сите тие фактори биле вклучени во процесот на креирање политики – рече Филипче.