Министерот за здравство, Венко Филипче, попладнево во Струга оствари средба со докторите и медицинските сестри од Општата болница, Заводот за нефрологија, Здравствениот дом, претставници на матичните лекари од струшкиот регион, пред сѐ од селото Лабуништа, како и со здравствени работници од Здравствениот дом во Вевчани. На средбата, тие разговараа за начинот на којшто се справуваат со светската здравствена криза предизвикана од ковид-19 вирусот.
– Целосно е реорганизирана болницата. Интернистите се целосно ангажирани во третманот на пациентите со коронавирус, кои се во секојдневна координација со болницата во Охрид каде се препраќаат пациенти во оној момент кога е тоа потребно. Во исто време разговаравме и за тоа како би се спремиле и за есенските месеци кога се очекува во целиот свет нов силен бран, заради зголемување на бројот на пациенти, освен заболени од корона вирусот и од сезонски грип, тогаш ќе бидат луѓето во затворени простории, блиските респираторни контакти ќе бидат многу почести и пофрекфентни нешто што значајно го зголемува ризикот за трансмисија. Разговаравме за ангажирање на дополнителен број на млади лекари кои сега завршуваат, медицински сестри кои исто така завршиле во средномедицинските училишта изминатиот период – надградување на капацитетите за тестирање. И во таа смисла целиот овој регион да биде спремен за соочување со нов бран, истакна министерот Филипче.
Тој се заблагодари и им честиташе на сите здравствени работници – лекари, медицински сестри кои херојски и пожртвувано работат со ковид пациентите.
– Тие одлично ја менаџираат кризата и со тоа покажаа и докажаа дека се столбот на здравствениот систем, а здравствениот систем столб на нашата држава – кажа министерот.