Нема доказ дека летните месеци помагаат во намалување на пренесувањето на коронавирусот и можно е и во летниот период да има потреба од некакви рестрикции, најави денес министерот за здравство, Венко Филипче.
Комисијата за здравство ги подготвува протоколите кои ќе треба да ги почитуваат сите компании и институции откако ќе се намалат рестриктивните мерки, а истовремено се подготвува за нов пик на вирусот наесен.
Филипче вели дека вториот пик ќе го дочекаме подготвени поради досегашното искуство со коронавирусот.
– Во меѓувреме будно ќе следиме дали при олабавување на мерките можеби ќе има некакво зголемување на бројот на пациенти. Тоа ќе значи дека дури и во летните месеци некаква рестрикција ќе треба да се воведе, засега не знаеме, останува само да ги следиме бројките, да направиме анализи и да видиме дали некои други фактори влијаат на ширење на вирусот – рече министерот.
Во следниот период извесно е и отворањето на границите, а попладнево Филипче рече дека премиерот на Грција ќе соопшти како ќе работат нивните хотелски капацитети.
Се чекаат и насоки од Светската здравствена организација за начинот на кој ќе се патува летово.
– Ќе се отворат граници, ќе има патувања, меѓутоа прилично сум сигурен дека СЗО ќе има некакви мерки. Јас мислам дека ниту патувањето ќе биде исто, ниту густина по превозните средства ќе биде иста – рече Филипче.
Тој потсети дека Македонија е дел од вкупно 60 земји во светот кои вовеле рестриктивни мерки поради коронавирусот и успеале да го држат под контрола бројот на пациенти.
Со носењето маски и со соодветна организација министерот смета дека потенцијалниот следен пик ќе биде поблаг.