За организација на сите настани, и на отворено и на затворено, потребно е посетителите, и во угостителските објекти и на други настани, да приложат задолжителен сертификат за најмалку една примена доза вакцина или доказ дека ја прележале болеста за што имаат временски период од 45 дена, кажа министерот за здравство Венко Филипче, појаснувајќи ги новите мерки за посета на настани.
– Мора да го имате сертификатот без разлика дали во објектот има под или над 30 гости. Единствена разлика е што треба да се организира редарска служба ако на настанот има над 30 присутни – посочи Филипче, додавајќи дека за проверка на сертификатите ќе бидат задолжени надлежните сертификати.
Министерот потврди и дека ќе има околу илјада новозаразени од коронавирус кои се тестирале вчера. За потсетување, вчера беа регистрирани 999 новозаразени со коронавирус и 14 смртни случаи.
Истовремено, се отвораат нови ковид-одделенија во болниците, бидејќи се зголемува и бројот на хоспитализирани. Притисокот во тетовската Општа болница се намалил во текот на вчерашниот ден, но се очекува да се види каква ќе е ситуацијата денес.
– Денеска има околу 1.000 новодијагностицирани случаи. Во текот на вчерашниот ден беше целосно во функција ставено инфективното одделение во болницата 8 септември. Има уште слободни кревети, но обезбедуваме простор во делот на интензивната нега. Од вчера, од попладневните часови, целосно во функција се стави и модуларната болница до Инфективната клиника. Има кадар од другите клиники, медицински сестри и помошен персонал. Таа болница има 60-70 кревети, десетина се веќе зафатени. Имаме и други капацитети кои се спремни – рече министерот.
Според него, десетина проценти од новозаразените во текот на денот се вакцинирани, но и десетина проценти од вакцинираните се хоспитализирани.
– Од вкупната бројка на вакцинирани граѓани, многу малку се дијагностицирани. Бројката се мери во промили, 0,002. Што значи дека главниот проблем е во граѓаните кои не се вакцинирани, немаме проблем во тие што се вакцинирани. И во други земји заболуваат но за 20 пати е помал ризиокот од смртен исход. Сите заклучоци од студии и анализи, тоа е единствениот механизам за да се смени сликата – додаде Филипче.
Сите кои прелажале, според Филипче, треба да се вакцинираат месец дена по инфекцијата.