Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека обидот на ВМРО-ДПМНЕ за блокада на измените на Законот за заштита на населението од заразни болести е смислен и тенденциозен обид за дневнополитички поени кој директно го загрозува здравјето на населението.
Тој е дециден дека барањето за формирање нова Комисија од страна на ВМРО-ДПМНЕ, која ќе ја избира Собранието, е само начин да се прикаже наводна грижа и конструктивност и истото е целосно неиздржано.
– Во Комисијата за заразни болести членуваат врвни професионалци, експерти во својата област. Од почетокот на кризата сите одлуки, препораки и мерки на Комисијата за заразни болести се носат врз издржани епидемиолошки анализи и единство во интерес на заштитата на здравјето на граѓаните. Уште еднаш повикувам на разум и одговорност, јавното здравје е над партиските интереси. Вирусот не чека, мерките мора да се донесат во најкраток можен рок – порача тој.
Според министерот, од почетокот на ковид-кризата во земјата опозицијата делува неконструктивно, со опструкции и критики кон сите кои даваат максимални напори во справување со вирусот во земјата.