Засега не гледаме дека училиштата се ризик во однос на епидемиолошката ситуација, односно за здравјето на децата, кажа министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, додавајќи дека сите служби секојдневно ја следат ситуацијата во училиштата.
– Протоколите во училиштата се направени по принципите по кои се одвиваат препораките насекаде во светот. Досегашните бројки укажуваат дека навистина е мал бројот на заболени ученици. До крајот на минатата недела имавме случаи во четири скопски општини, односно по еден случај во по две училишта во секоја од општините. Денеска имаме дополнителни двајца заболени ученици, од кои еден во Скопје и еден во Велес, што е прв случај во внатрешноста во државата. Сметаме дека со сегашните протоколи ризикот е минимален, имајќи го предвид искуството и од минатата година. Со почитување на протоколите децата се безбедни – истакна Филипче.
В среда завршува препораката за онлајн настава во средните училишта во Струга и во Кичево, а останува уште една недела за Тетово и за Гостивар. Комисијата за заразни болести на состанок ќе процени дали има потреба за продолжување на онлајн наставата, како што информираше министерот.
Тој напомена и дека се намалува бројот на заразени и прегледи, што укажува дека ситуацијата се смирува.
– Трендовите на намалување на бројките продолжуваат. Се намалува бројот на заразени и на прегледи. Нема голем број на хоспитализирани пациенти во тетовската болница. Сите параметри укажуваат дека ситуацијата моментно спласнува – објасни Филипче.
Министерот додаде дека анализите покажуваат оти процесот на вакцинација се одвива добро и расте опфатот, пред се, на повозрасните граѓани, со што сега се става акцент да се вакцинираат и помладите.