Фото: Маја Јаневска-Илиева / Архива

Само американската агенција засега има дадена препорака за трета доза на вакцина од компанијата „Фајзер“, но кај имунокомпромитирани пациенти, информира министерот за здравство Венко Филипче во денешното гостување во вестите на телевизија „Сител“, додавајќи дека, според анализите, трета доза на вакцината „Фајзер“, односно т.н. бустер-доза значително ја зголемува нејзината ефикасност.

– Сѐ уште траат испитувања во однос на тоа каков ефект има третата доза. Една од последните студии беше во Израел и укажува на тоа дека значително се зголемува ефикасноста по дадената трета доза. Според нашите сознанија компанијата „Фајзер“ е најдалеку отидена во овој дел – истакна Филипче.

Тој посочи дека со вакцината на „Фајзер“ значително се зголемува ефикасноста кон сите соеви на коронавирусот, кога станува збор за аплицирање на бустер-дозата. Според Филипче, Македонија уште е во фаза кога ги очекува препораките, како од производителите, така и од големите клинички студии, додека веќе има препорака која се однесува на пациенти со трансплантација и пациенти кои се на хронична дијализа.

За да се прими трета доза треба да поминат шест месеци, а во Македонија сѐ уште нема дадена трета доза бидејќи не поминале шест месеци од ревакцинацијата.

Министерот за здравство напомена дека сите македонски граѓани кои се вакцинирале во странство, кога ќе приложат валиден сертификат дека е тоа направено во друга држава, на пример во Србија, ќе бидат регистрирани за трета доза. Тоа значи дека ќе можат да ја примат и во Македонија и за тоа да добијат валиден сертификат.