Категорично останувам на ставот дека не смее да има никакво групирање на граѓаните, апелираше министерот за здравство, Венко Филипче, а во врска со претстојните велигденски празници.
– Влегуваме во најкритичната фаза на епидеијата, каде бројот на новозаболени очекувано расте, но не смееме да дозволиме овој број дополнително да го зголемиме поради овие групирања. Сите имаме одговорност. Потенцирам дека оваа форма на собирање воопшто не ја одобрувам, собирања од кој било тип се дополнителен ризик и апелирам до граѓаните да се придружуваат до препораките – изјави министерот за здравство на вечерашната прес-конференција.
Тој беше дециден и во неколку наврати ги замоли граѓаните да останат дома и за време на причестите, за да се избегне неочекуван нов пик на болеста.
– Собирите се недозволиви. Ние имаме мерки со кои такви собири се забранети. Владата има донесено одлука дека граѓаните не можат да се групираат во групи поголеми од двајца. Имав разговори со министри од сите држави ид регионот и сите се во оваа слична фаза. Ако сега не се почитуваат мерките, без разлика што е верски празник, ние знаете имаме месец пред нас и со други верски празници, тоа значи дека даваме шанса за следен пик за две недели од сега. А ние тоа се обидуваме да го избегнеме. Затоа се и сите овие апели. Навистина апелирам, може овој празник дома да се помине, ништо нема да се изгуби, тоа е инвестиција во здравјето. Не сакаме да ни се јави пик кога не го очекуваме – рече Филипче.