Министерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека се соочуваме со најголемата здравствена криза досега во нашата земја, но и со најголемиот предизвик на здравството и здравствените работници на којшто здравствениот систем има знаење и капацитети да одговори.
– Знам дека сте изморени, знам дека сте на крајот на силите. Ве уверувам дека ќе направам сè за да обезбедам поддршка за вас од страна на министерството и ќе ги мобилизираме сите здравствени ресурси во земјата за да го надминеме ова – порача министерот до здравствените работници.
Истовремено, Филипче им порача на граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од ковид-19 за да го заштитат своето здравје, и со тоа да им помогнат и на здравствените работници.
– Здравствените работници буквално не се прибрани дома со месеци. Изложени се на огромен ризик, со долги смени работат за да го спасат секој живот. Ова мора да го почитуваме како граѓани и да им помогнеме. А секој може тоа да го направи со следење на едноставни три препораки – маска, дистанца и дезинфекција. Ова не е големо барање, а ќе помогне да има помалку дијагностицирани и некој пациент повеќе да си оди дома од болничките установи. Да се почитуваат овие мерки за да може здравствените работници да здивнат, да се ослободат од притисокот. Тоа е единствениот начин да ставиме крај на оваа криза – истакна Филипче на денешната прес-конференција.