Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во денешното гостување во вестите на телевизија Канал 5 информираше дека по разговорот на премиерот Зоран Заев со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во кој е договорено Србија да и даде 8.000 „Фајзер“ вакцини на Македонија, веднаш започнал разговори со српскиот колега Златибор Лочнар во однос на техничките детали и точното време на испорака на вакцините.
– Најавата засега е дека тоа има шанси да се случи уште утре, но ќе видиме како ќе течат овие разговори и административните постапки во однос на самиот транспорт, приемот и пречекот на вакцините. Станува збор за фајзеровата вакцина која заедно со Модерна е единствената која ги има сите потребни сертификати од најголемите регулатори, европската ЕМА и американската ФДА – изјави Филипче но истакна дека сите вакцините коишто сега се достапни на пазарот се развиени на безбедна платформа и веќе се аплицираат во некои земји.
Во однос на чувањето на вакцините, министерот Филипче рече дека близу 100 илјади вакцини може да се складираат во еден фрижидер.
– Во таа смисла, фрижидерите кои ги најавувавме како донација се пристигнати, завршуваат административните постапки околу царинењето. Но, и сега во овој момент можеме да сместиме вакцини во постојните фрижидери кои ги имавме за друга намена од лабораториите на Институтот за трансфузиона медицина – додаде Филипче.
Министерот Филипче, информираше дека денеска се враќа во функција одделението за офталмологија при интерните клиники, а од утре и одделението за оториноларингологија.