Министерот за здравство Венко Филипче, кој присуствуваше на примопредавањето на вакцините против коронавирус, што Србија ни ги донираше утрово на граничниот премин Табановце, се заблагодари на пријателскиот чин од нашиот северен сосед.
Тој рече дека имунизацијата на нашите здравствени работници ќе започне во среда.
– Подготвени сме да ги примиме вакцините. Тие се на пат да бидат сместени во фрижидери. После најавата во петокот вечерта на Фајзер, ние во текот на вчерашниот ден работевме. Го потпишавме трипартитниот договор, што беше практично услов да се случи оваа донација од Србија. Вакцините се денеска во нашата земја. Во текот на утрешниот ден ќе се заврши регуларната процедура во Агенцијата за лекови, после што вакцинацијата ќе започне во среда со здравствените работници во модуларната клиника во Клиничкиот центар во Скопје – рече Филипче.
Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.